Освен селата во општина Дебарца и струшко, четврти ден по ред без струја се и делови од Охрид и охридско. Од неделата попладне без напојување со електрична енергија се и домовите и фирмите во Горно и Долно Лакочереј, Косел, Орман, Вапила, Ливоишта, дел од населбите Црногорци и Железничка.
– Надлежните да се запрашаат како ние веќе четири дена живееме без струја, вода, телефон, интернет? Како месни заедници и по неколку пати во денот реагиравме во ЕВН, добиваме само празни ветувања дека дефектите ќе бидат отстранети, а на терен можат да се забележат само двајца нивни работници, без никаква механизација кои на овие временски услови и ништо не можат да сторат без механизација. Несватливо е тоа што овие населени места се само на 4 км од центарот на Охрид, а се третираат како да се наоѓаат на некој недостапен планински врв. Храната во фрижидерите веќе целосно е расипана, појавата од зарази поради немање вода е на прагот, измрзнати семејства, а што е најстрашно и никој од надлежните институции не се потруди барем да помине низ овие населени места, велат од месната заедница на Долно и Горно Лакочереј.
Сопственици на фирми во овие места прашуваат кој ќе им ја надомести штетата која ја трпат поради незавршените обврски кон нивните клиенти.
– Трпи нашата работа, трет ден по ред не можеме да функционираме, да ја завршиме нашата работа, да ги извршиме нарачките. Клиентите од странство реагираат, не можат да разберат како е можно толку денови да немаме струја. Имаме финансиса загуба која без наша вина ќе ја сносиме, а редовно секогаш сме ги подмирувале обврските кон државата и ЕВН, велат сопственици на фирми во села во охридско.
Тие со апел до ЕВН-Македонија и до надлежните служби, што поскоро да го решат проблемот снабдување со електрична енергија и вода.
OhridNews