Шпекулации на одредени европски медиумите дека еден македонски и еден шпански кошаркар, кои настапуваа на Евробаскетот во Литванија биле позитивни на допинг-тестовите, експресно се демантирани од страна на ФИБА Европа.


Според кусото соопштение на ФИБА, кое што попладнево го пренесе и Кошаркарската федерација на Македонија, се нагласува дека таквите новинарски репортажи се неосновани.

„ФИБА Европа ги отфрла сите шпекулации на медиумите кои објавија дека двајца играчи кои настапуваа на Евробаскетот во Литванија, биле позитивни на допинг-тестовите“, стои во соопштението.


Притоа се додава дека ФИБА Европа би била првата која би била информирана во врска со позитивни тестови од забранети супстанции за време на Евробаскетот 2011,

„Двајцата кошаркари имале неприродно високо ниво на тестостерон, што се’ уште не е позитивен допинг тест. Двата примерока се испратени во централата на ФИБА Европа каде ќе бидат извршени дополнителни тестираа“, изјави попладнево директорката на Литванската анти-допинг агенција, Еве Станикуниене.

Освен земање на недозволени стимуланси, постојат уште најмалку три објаснувања за ненормалното високо ниво на тестостерон кај луѓето, организмот го произведува хормонот повеќе од обично, играчот земал дроги или има тумор.


„Оваа информација одекна како гром од ведро небо“, изјави за агенцијата директорот на сите репрезентации на Кошаркарската федерација на Македонија, Илија Мерџановски. Тој нагласи дека сите во Македонија се шокирани и дека до попладнето немало никаква информација за наводен допинг од седиштето на ФИБА во Минхен.

Шпанската кошаркарска федерација веднаш го демантираше пишувањето на литванските медиуми.

 

„Таквите медиумски шпекулации се без основа. Ние сме спокојни. Би биле првите коишто би го дознале тоа доколку е сторена некоја неправилност. Турнирот во Литванија заслужи оцена на еден од најдобрите и најчистите во историјата на кошарката“, изјавија од репрезентацијата на актуелните европски кошаркарски прваци.

извор “Макфакс“
Ohridnews