Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) денеска ќе го одбележи 11 Мај – Денот на културата во сообраќајот со цел подигнување на свеста на сите учесници во сообраќајот за законско, етичко и толерантно однесување со што, како што наведуваат, ќе се постигне и поголема безбедност на сообраќајот на патиштата.

РСБСП посочува дека секоја година реализира превентивно-едукативни активности за сите категории учесници во сообраќајот затоа што, како што наведуваат, секој од нив директно влијае врз одвивањето и безбедноста на сообраќајот на патиштата.
Сообраќајната култура претставува начин на однесување на секој учесник во сообраќајот, како и сфаќање на однесувањето на другите учесници во насока на побезбедно одвивање на сообраќајот, односно намалување на непријатните ситуации и минимизирање на сообраќајните незгоди и повредите. Таа се стекнува уште од најмала возраст, а во нејзиното инкорпорирање значајна улога играат семејството и воспитно-образовните институции. Затоа РСБСП особено внимание посветува на спроведувањето на превентивно-едукативни активности за најмладите преку спроведување на кампањи за поголема безбедност, како и за едукација во врска со сообраќајните правила и прописи и одговорното однесување во сообраќајот. Кампањи и активности се реализираат за сите категории учесници во сообраќајот, а се подготвува и разновиден превентивно-едукативен материјал, се вели во соопштението.

OhridNews












