Денес црквата го празнува денот Бадник, последниот ден од подготвителните денови за рожденството на Исус Христос. Најсоодветен начин на кој црквата празнува и на тој начин Бог го прославува и му благодари е Светата богослужба. На денешниот ден не случајно црквата определила да се служи Утрена богослужба заедно со Царски часови, а потоа вечерна заедно со Василиева Литургија, вели отец Димче Азески.
На тој начин преку Царските часови што се читаат и преку Евангелијата токму на таа света богослужба, уште еднаш јасно црквата ни укажува на сите оние старо заветни пророкувања кои укажувале за доаѓањето на Богомладенецот преку утробата на Пресвета Богородица. Тоа е најубавата подготовка која што црквата ни ја дарува, а која што сите ние православни верници треба истата да ја прифатиме, активно да учествуваме на богослужбата, на тој начин украсувајќи се со добродетели и молитвено зацврстувајќи се, уште подостоинствено да се подготвиме за навистина и телесно и духовно да го прославиме Богомладенецот Христос, додава отец Димче.
Вели се соочуваме со едно големо искушение предизвикано од Ковид, но сепак апсолутно никој и ништо не може да не спречи литургиски и молитвено сепак да живееме во црквата и на тој начин како православни христијани живот да го осмислиме и да му дадеме значење и вредност.
Токму, Божиќ е потврда за љубовта, милосрдието, човекољубието Божјо. И навистина ќе ми биде мило ако луѓето што побрзо и што поискрено доаѓаат во црквата на службата, бидејќи со разумот и умот не можеме ни да сватиме каква е благодатта и колку е голема милоста Божја за ова што сега се случува. Навистина е тажно и жално ако човек не се потруди со оваа благодат што Бог ја испраќа да не се нахрани, да не ја почувствува, бидејќи без тоа животот на човекот е многу тежок и мачен, нема смисла, нема значење, вели отецот.
Додава дека токму овој празник ни ја дава и смислата и значењето на животот. Ни укажува за големото милосрдие и човекољубие Божјо кон човекот, но во исто време ни укажува какво достоинство Бог му дарувал на човекот, бидејќи сите ние го носиме образот Божји, а живеењето во цркавата треба да го стекнеме.
Наша цел како црква е секогаш да укажуваме, да се молиме, да повикуваме, бидејќи преку подготвителниот период постот, молитвата, покајанието и исповедта, да се украсиме со добродетели и да го примиме во јаслите на нашето срце Бог. На овој начин примајќи го Христос постојано треба со него да живееме. Ако на овој начин живееме ќе можеме да се соочиме полесно и со ова искушение односно Ковидот. Како црква ги преземаме сите потребни мерки за заштита од Ковид, а и самите верници се свесни да ги почитуваат истите, така што се носат маски, се одржува растојание, вели отецот.
Отец Димче информира дека на Божиќ во 7 часот ќе има празнична Утрена богослужба, во 8.15 следи Литургијата, додека Светата причесна е некаде околу 9.30 часот.
Н.С.Ј./К.А.














