Поради топлотниот бран, денес и утре, Министерството за труд и социјална политика препорачува да се избегнува работа на отворено во периодот од 11 до 17 часот. Без разлика дали станува збор за јавен или приватен сектор, се препорачува и адекватна вентилација на работниот простор, каки и обезбедување засолништа каде што вработените можат да се разладуваат извесен период во текот на работата, почести паузи во текот на работата и конзумирање течности.

На градинките им се препорачува да не се изнесуваат децата на прошетка после 10 часот наутро, да се нуди лесна храна и повеќе течности и да се заштитат од дирекна сончева светлина со ролетни или завеси, а во домовите за згрижување на стари лица да се преземат мерки за климатизација на просториите или обезбедување на една ладна просторија, како и повеќе лесна храна и течности и совети за навремено земање на препорачаната терапија од лекар.

Од ресорното Министерство најавуваат дека инспекторите за безбедност и здравје при работа, ќе бидат во засилени контроли на терен за да се увиди дали работодавачите се придржуваат до препораките.

Според најавите на Управата за
хидрометеоролошки работи, денешниот ден, ќе биде најтопол до сега оваа
година. Речиси целата територија на земјата ќе биде зафатена од топлотен
бран од портокалова фаза, опасна по здравјето на луѓето.

Максималната дневна температура под сенка ќе достигне до +42 степени, а индексот на УВ зрачење ќе изнесува 9.

Сончево и многу топло ќе биде и во Охрид, каде живата во термометрите ќе се искачи до 36 степени Целзиусови.

Мало
освежување ќе имаме од утре кога се очекуваат врнежи од дожд проследени
со грмежи, но дневните температури и натаму ќе бидат високи и на места
ќе достигнат +41 степен. Дожд ќе има и во четврток и петок, што ќе
придонесе за благо опаѓање на високите температури.

OhridNews