Денес истекува рокот за распишување на редовните локални избори од страна на Собранието, но по одржаните предвремени парламентарни избори сеуште не е формирана влада, ниту е избран претседател на Собранието.

За да се испочитува рокот за локалните избори, денеска треба да продолжи конститутивната седница, да се избере претседател и тој да ги распише локалните избори за градоначалници и советници кои треба да се одржат во првата половина на мај.

Како што вели Изборниот законик од денот на распишувањето до денот на одржувањето на изборите не може да поминат повеќе од 90 дена, ни помалку од 70 дена. Право да распише избори има само претседател на Собранието кој е изгласан од најмалку 61 пратеник од актуелниот парламентарен состав.

Ако изборите не се одржат во мај, градоначалниците на општините и општинските совети повеќе нема да имаат никакви надлежности, а пречекорувањето на предвидениот рок повлекува измени во Изборниот законик и нов датум за локални избори.

OhridNews