Православната црква денеска го одбележува споменот на Преподобен Антониј Велики. Тој бил Мисирец, роден околу 250 година во некое село Кома близу Хераклеја. По смртта на неговите благородни и богати родители си го поделил наследството со својата малолетна сестра, ја згрижил кај некои роднини, својот дел им го раздадел на сиромасите, а самиот во дваесеттата година од животот се посветил на подвижнички живот, како што тежнеел од детството.

За осумдесет и петте години од неговиот подвижнички живот само двапати отишол во Александрија, и тоа првиот пат да бара мачеништво во времето на гонењето на Црквата, а вториот на повик на Св. Атанасиј за да ја собори клеветата на Ариевците дека божем и тој ја прифатил Ариевата ерес. Се упокоил во сто и петтата година од животот, а зад себе оставил цела војска следбеници и ученици.
Иако необразован, им бил советник и учител на најучените луѓе на неговото време, како на Св. Атанасиј Велики. Кога некои елински филозофи го искушувале со книжевна мудрост, Антониј ги засрамил со прашањето: „Што е постаро: разумот или книгата? И кое од тие двете е причина за другото?“ Засрамени филозофите се разотишлеа, зашто виделе оти самите имаат книжевно памтење без разум, наспроти разумот што го имал Антониј. Тој е човек кој го достигна совршенството коешто воопшто може да биде достигнато на земјата. Тој е воспитувач на воспитувачите и учител на учителите; цели осумдесет и пет години се преобразувал себеси, па само така смогнал сила да ги преобразува и другите. Исполнет со многубројни години и добродетели, Свети Антониј се упокоил во 335 година.
OhridNews











