Православните верници на 18 октомври го одбележуваат споменот на Светата маченичка Харитина, која во христијанското предание се почитува поради непоколебливата вера и посветеноста на Христа.

Според нејзиното житие, Харитина останала сираче уште во детството. Ја посвоил угледниот христијанин Клаудиј, кој ја одгледал и ја воспитал како своја ќерка. Растејќи во христијанската вера, се посветила на изучувањето на Божјиот закон и се заветувала животот да го помине во девственост и молитва.

Нејзиното влијание врз другите го привлекло вниманието на Дометијан, намесник на царот Диоклецијан, кој наредил да биде изведена пред суд. Обвинета дека е христијанка и дека ги наведува другите да ја прифатат нејзината вера, Харитина храбро ја потврдила својата припадност кон Христа, истакнувајќи дека луѓето ги упатува кон вистината.

Во житието се раскажува дека била изложена на тешки мачења, но со Божја помош останувала неповредена. Откако не успеал да ја поколеба, судијата испратил момчиња за да ја обесчестат. Харитина клекнала на молитва, молејќи Го Бога да ја прими нејзината душа и да ја зачува од насилството. Според преданието, починала додека се молела.

Тропар

Распламтена со оган на Божествената љубов уште од младоста, погледот на твоите очи од с? што е во светот си го одвратила и заради Христа осаменички си живеела, со добродетели украсувајќи ја својата душа за небесниот Женик Христос, за кого се удостои и маченички да пострадаш, света маченичке, чудесна девице Харитино. По нејзините молитви, Христе Спасителе, помилуј ги нашите души.

Извор: Македонска православна црква – Охридска архиепископија.