Во пресрет на утрешните избори за претседател на државата, денеска својот глас имаат можност да го дадат болните и немоќни лица, затворениците, притворените лица, привремено раселените и припадниците на армијата, односно македонските државјани кои живеат и работат во странство.
Освен 8.332 гласачи во дијаспората кои живеат во Европа, Африка, Северна и Јужна Америка, односно Азија и Австралија, утрово во 7 часот избирачките места се отворени и за 39 внатрешно раселени лица, 1.706 што издржуваат казна затвор или притвор, а дома ќе гласаат и болните и немоќните и лицата во домашен притвор.
Од вкупно 8.332 пријавени лица за гласање во дијаспората во Изборната единица 7, кој ги опфаќа Европа и Африка на гласање треба да излезат 5.892 избирачи, во ИЕ 8 (Северна и Јужна Америка) – 1.426 и во ИЕ 9 (Азија и Австралија) – 1.014. Гласањето во избирачките места се одвива од 7 до 19 часот, согласно со временската зона во земјата, во 34 избирачки места во дијаспората од вкупно 47. Во 13 избирачки места беа пријавени помалку од 10 гласачи.
Инаку, на петтите претседателски избори во земјата право на глас имаат 1.779.572 избирачи, кои треба да гласаат на 3.480 избирачки места во Македонија и 34 во странство.
OhridNews