Голем број угостители од Охрид утрово во 8 часот ги затворија своите објекти во знак на протест против Законот за заштита од пушењето што на сила стапи на 1 јануари. Тие се приклучија на 24 часовниот штрајк што го организира Стопанската комора на Македонија, кој ќе трае до 08 часот утре. Штрајкот се одвива во сите градови во државата, но дел од угостителите не се приклучија на протестот.


Угостителските објекти во Охрид утрово останаа затворени

Угостителите сметаат дека постоечкиот закон е премногу ригорозен и тешко применлив и постои потреба од негова итна измена. Според нив примената на овој закон ќе предизвика намалување на прометот во угостителските објекти, што неминовно ќе доведе до отпуштање на вработени. За да се спречи тоа, тие  бараат измени во законот за заштита од пушењето, како и  нивно активно вклучување во тој процес, со цел, како што велат,  да се донесат решенија кои ќе ги задоволат и потребите на противниците на пушењето, но и на угостителите како активни чинители на стопанскиот живот во Република Македонија.

Предлози за измени во законот за заштита од пушењето најавија и пратеничките групи на ВМРО ДПМНЕ и на СДСМ.

Ohridnews