Македонски уметници во амки на фестивалот „Охридско лето“ вечерва во катедралната црква Св. Софија ќе одржат концерт по повод 70 години од раѓањето на Ристо Аврамовски.
„Фестивалот Охридско лето во своите програми вклучува уметници од светски ранг, македонски уметници но секогаш посебно значаен концепт во концепирањето на програмата е вклучувањето на дела од македонски композитори. Многупати досега сме имале можност да чуеме изведби на странски оркестри, ансамбли, солисти кои што ги изведуваат делата на нашите македонски композитори. Некои од нив, ставајќи ги овие дела во својот репертоар, продолжуваат со изведбата на овие дела ширум светот.“ – вели Јосифова Неделковска.
Според неа, Аврамоски е човекот кој исто така има оставено и големи траги во самиот фестивал.
„Го организираме овој концерт со посебна радост, пиетет и чувство на благодарност кон човекот што даде исклучително креативен влог и остави големи траги со своето работење како музички селектор и претседател на УО на Фестивалот Охридско лето. Беше и остана вистински пример за помладите генерации колку треба да се сака и почитува Фестивалот. Преку заложбите и беспрекорното работење воспостави вистински програмски стандарди, рече.“ – рече Јосифова Неделковска.
На концерт ќе учествуваат: Весна Гиновска-Илкова- сопран, Тодор Светиев-пијано, Славица Галиќ-Петровска-сопран, Валери Стефановски- пијано, Јасна Аврамовска, дувачки квинтет „Арт“.
Инаку, Академик Ристо Аврамовски (1943-2007) е истакнат македонски композитор, музички деец и публицист, а неговото творештво е обемно и разновидно почнувајќи од солистички и камерни дела за инструменти и глас, симфониска, вокално-инструментална и хорска музика, балети и опери.
Во неговиот значаен опус кој брои над стотина наслови се осум симфонии, концерти за виолина и оркестар, концерти за пијано и оркестар, симфониските дела „Психофонија”, „Библиофонија”, „Канон”, „Еволуција”, а меѓу камерните дела се издвојуваат Сонатата за две пијана, вокалниот циклус „Тишина”, „Три исповедни молитви” за пијано и глас, Гудачкиот квартет бр.2. („Берлински”), вокално-инструменталниот циклус „Азбуки”, кантатата „Егзодус”, Сонатата за виолина и пијано, како и оперите „Болен Дојчин” и „Лидија од Македонија”.