Денеска на третиот ден од Божик, се одбележува празникот посветен на маченикот Св. Стефан. Традиционално овој празник најсвечено се одбележува во манастирот Св. Стефан во истоимената населба крај Охрид, каде денеска се одржува боженствена литургија.

За манастирот:                                              

На околу 5 километри јужно од Охрид, се наоѓа мала пештерна црква посветена на првиот  христијански маченик-Архиѓаконот Стефан.

Пештерната црква „Св.Стефан” датира од IX век и  единствена црква посветена на овој светител во Македонија. За црквата е искористена една природна пештера која од јужната страна е преградена со ѕид од кршен камен. Покрај црквата во подоцнежниот период се изградени и конаци кои во денешно време се реновирани и се издаваат по симболична цена од 150ден.  за ноќевање.

Овој манастир за кој интересот на граѓаните е се поголем, во последниве две години интензивно се доградува и гради. Пред две години беше завршена реконструкцијата на надворешниот дел на манастирот, минатата година се изгради од темел нова камбанарија на местото на старата, а оваа година се почна со изградба на нови конаци.

Поради својата добра местоположба и прекрасниот поглед, овој манастир се поинтересен станува за странските и нашите туристи. Верниците кои доаѓаат тука и го почувствуваат духовниот мир посакуваат повторно да се вратат и да престојуваат во манастирот, па затоа се работи на  подобрување на условите на веќе постеочките конаци.

OhridNews