Денеска во охридското село Скребатно ќе се одржи втората по ред манифестација „Охридска софра“.

На настанот ќе се подготвуваат  традиционални јадења од охридскиот регион, а ќе може да се проба и од различните видови сирења, домашен мед, градинарски продукти и охридски специјалитети подготвени од студентите на ФТУ Охрид. Во рамките на манифестацијата ќе се одржи и натпреварувачката „Ѓомлезијада“, на која оваа година се пријавиле 24 учесници.

Организаторите најавуваат и интересна музичка програма со настап на познатата македонска етно група „Чалгија саунд систем“.

За заинтересираните граѓани, организиран е бесплатен превоз од Лескоец до Скребатно во 9 и 10 часот, со враќање по завршувањето на манифестација.

Настанот е во организација на општина Охрид, а под покровителство на Министерството за култура на Република Македонија како дел од проектот „Топол културен бран“.

OhridNews