Температурите во Македонија денеска ќе достигнат до 38 степени Целзиусови, што е таканаречена жолта фаза или предупредувачко ниво 1, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Согласно Акциониот план за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението во Република Македонија, а со цел будност и приправност како и спремност за доволен број капацитети и медикаментозна терапија, министерството за здравство достави укажување до јавните здравствени установи во земјата за нивна подготовка за обезбедување здравствена заштита на евентуалниот зголемен број пациенти поради влијанието на високите температури.
Од Министерството за здравство информираат и дека остануваат да важат основните препораки за заштита на населението, како што се избегнување на директна сончева изложеност, избегнување на престој на отворено во периодот до 16 часот, консумација на лесна храна и течности, хигиена на раце и хигиенски начин на подготовка на храната, како и редовно земање на терапијата кај хронично болните лица.
На работодавците им се препорачува преземање превентивни мерки за вработените лица, кај одредени ризични производни и технолошки процеси кои може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници и почитување на законските прописи од оваа област.