Со забава под топлото априлско сонце, на плажата „Куба Либре“ беше одбележан Денот на кралицата на Холандија.
Се беше во знакот на традиционалната портокалова боја, од облеката на домаќините, до декорациите, а свеченоста беше засладена со торта која ја пресече амбасадорката на Холандија во Македонија Мариет Шурман, која ги поздрави присутните гости. Меѓу нив имаше и туристи од Холандијаи од првата организирана група која во петокот пристигна во Охрид, како најава за сезоната 2012 во која на бреговите на Охридското Езеро се очекуваат околу 13.000 гости од земјите на БЕНЕЛУКС.
30- ти април, Денот на холандската кралица, има особено значење за холанѓаните. На овој ден сите во Холандија се облечени во портокалови бои која го симболизира националното единство. На овој ден холанѓаните на забава и сувенири трошат околу 200 милиони евра, а кон ова придонесува и тоа што државата за Денот на кралицата ги ослободува трговците од плаќање данок. Прославата е и туристичка атракција, кога во Холандија доаѓаат голем број туристи. Во Охрид овој ден свечено се одбележува од минатата година, кога беше отворен и Холандскиот парк во месноста Мазија каде е поставен и споменикот на познатиот холандски писател А. Ден Долард.