Шумите во Националниот парк Галичица имаат големо еколошко значење и вклучуваат повеќе типови живеалишта кои се сметаат за загрозени или ретки во Европа односно се значајни за зачувувањето на повеќе видови кои исто така се сметаат за клучни вредности, велат од ЈУНП „Галичица“ по повод 21-ви март Светски ден на шумите.
Денеска, 21-ви март е денот кога го прославуваме Светскиот ден на шумите со цел да ја подигнеме свеста за важноста на шумите. Согласно EUNIS класификацијата на типови на живеалишта од 2017, во Паркот се среќаваат десет типови живеалишта (со вкупно 13 растителни заедници) кои се заштитени со Директивата за живеалишта, додаваат од ЈУНП „Галичица“.
Шумите, потенцираат, покриваат 30% од површината на земјата и се витални живеалишта за милиони видови, тие се извори на чист воздух и вода и секако клучни за борбата против климатските промени.
Податоците врзани за шумите се многу загрижувачки, затоа, одржливото управување со шумите значи одбрана на животот на идните генерации на Земјата, велат од ЈП „Национални шуми“, додавајќи дека секоја година се одбира тема со која се укажува на важноста на шумата.
Темата за 2022 година е „Шуми и одржливо производство и потрошувачка“, а главните пораки се шумарскиот сектор отвора работни места за најмалку 33 милиони луѓе, а шумските производи ги користат сите, шумите се од суштинско значење за здравјето на планетата и благосостојбата на луѓето, одржливото користење на шумите ќе ни помогне да преминеме во економија заснована на обновливи, повторно употребливи и рециклирани материјали, одржливото дрво е важен материјал за озеленување на градовите, шумите се од витално значење за одржување на производството на храна, потребни се повеќе активности за да се запре уништувањето на шумите и деградацијата и изберете производи од дрво од легални и одржливи извори, велат од ЈП „Национални шуми“.
Овој меѓународен ден е прогласен од Обединетите нации во 2012 година и за прв пат прославен следната година на 21 март 2013 година, а денес, таа дата се слави ширум светот насекаде, како повик да станеме свесни за улогата што ја играат шумите за заштита на биолошката разновидност и за благосостојбата на човештвото, а во исто време за подигање на јавната свест за важноста на шумите и нивната незаменлива улога за животот на човекот и планетата, за одржливоста на животната средина и за безбедноста на храната, додават од ЈП „Национални шуми“.
OhridNews













