Прославениот репрезентативец, поранешниот капитен на фудбалската репрезентација на Франција, Дидие Дешамп, официјално е именуван за нов селектор на националниот тим.

Екс тренерот на Олимпик Марсеј од Фудбалскиот сојуз на Франција доби двегодишен договор, со можност истиот да биде продолжен доколку Франција избори пласман на СП во Бразил.


43-годишниот Дешамп, како капитен ја предводеше Франција до светската и европска титула, во 1998 и 2000 година, тој на клупата ќе го наследи некогашниот соиграч Лоран Блан, кој поднесе оставка по Европското првенство во Полска и Украина.

Дешамп на селекторската функција ќе дебитира на 15. август, кога во пријателски меч, во Авр, Франција ќе игра против јужноамериканскиот првак Уругвај.

Франција квалификациите за СП во Бразил ќе ги започне на 7. септември против Финска, останатите ривали во групата ќе и бидат Шпанија, Белорусија и Грузија.