Од технолошко индустриските развојни зони (ТИРЗ) во изминатата година се извезени производи во вредност од досега рекордни над три милијарди  евра што е за 6,5 проценти повеќе во однос на 2019 година и околу 15 проценти повеќе од 2020 година.

Директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Јован Деспотовски очекува рекордното ниво на извоз да се надмине во 2022 година врз основа на договорите што се потпишани во 2021 година или се во фаза на формално одобрување во Владата за отворање на нови капацитети во зоните во вредност од 188 милиони евра со планирани над 2700 вработени. Во наредните три години просечната нето плата на овие 2700 вработени треба да достигне до 843 евра, а вкупните приходи во Буџетот во наредните 10 години од овие вработувања се очекува да достигне до 150,8 милиони евра и извоз од 3,2 милијарди евра.

Заедно со овие 2700 работни места во наредните три години очекуваме раст на вкупниот број на вработени од 19,3 проценти и зголемување на нивото на извоз во следните 10 години од 106,67 проценти. Тоа значи дека ќе го удвоиме нивото на извоз само од овие капацитети за кои имаме постигнато договори во 2021 година и од моментното ниво од три милијарди евра во 2031 година очекуваме нивото на извоз без растот на постојните компании и новите инвестиции, значи само со тоа што е постигнато како договор во 2021 година да се качи на некаде над шест милијарди евра, рече Деспотовски на денешната прес-конференција во Владата.

Лани во целата година во позитива бил нето извозот кој бил најголем во ноември и се очекува трендот да продолжи и годинава.

Во фаза на преговори, како што кажа, се инвестиции од околу 300 милиони евра со кои треба да се отворат нови 1500 работни места, за кои очекува да се реализираат во тековнава година.

Во тек се разговори за три големи инвестиции во делот на енергетиката. За едната од нив, се очекуваат детали во текот на наредните неколку недели,  рече Деспотовски.

Станува збор за доста сериозни инвестиции, детали соопштуваме како и досега откако ќе имаме веќе одредено ниво на постигнат начин на договор со инвеститорите, меѓутоа очекувам за едната од нив, за која што се разговара веќе неколку  години, детали и конкретен одговор да имаме веќе во наредните неколку недели, изјави Деспотовски, одговарајќи на новинарски прашања.

Станува збор за обемни инвестиции кои, според Деспотовски, ќе имаат придонес кон стабилизација и зголемување на производството на енергија во земјава.

Во однос на продуктивноста и растот на платите во ТИРЗ зоните, Деспотовски рече дека нема да дозволат ситуација во која во компаниите кои користат државна помош за развој на вештини, продуктивноста да расте, а платите да заостануваат.

Точно е тоа дека согласно анализата што ја направивме, во 2016 односно 2017 година растот на продуктивноста на трудот е многу поголем од растот на платите. По 2017 година, ситуацијата е обратна, односно платите растат со побрза динамика отколку растот на продуктивноста. И ако го гледаме целиот 10-годишен период од 2020 година, продуктивноста значително побрзо расте од платите, а тоа значи дека имаме уште значителен простор за раст на самите плати. Меѓутоа, она што е наша цел е да стигнеме во ситуација во која динамиката на раст на продуктивноста ќе ја следи динамиката на раст на платите, рече Деспотовски. 

Негова цел како директор на ТИРЗ, како што рече, е да се донесат инвеститори со повисока додадена вредност. Целта е да се донесат инвеститори во делот на фармацијата, медицината и информатичките технологии.

 

 

OhridNews