Продолжува растот во технолошко индустриските развојни зони, а примената на новиот концепт на ТИРЗ за привлекување странски инвестиции веќе дава конкретни резултати и зголемен број на нови инвестиции, покажува редовната месечна анализа на ТИРЗ која ја презентираше директорот Јован Деспотовски.

Растот продолжува и во месец август, а бројките покажуваат рекордни економски активности во првите осум месеци од 2021 во однос на минатите години. Овие бројки јасно укажуваат дека економијата не само што го надмина пандемискиот период туку бележи серозен раст. Очекувам ваквиот позитивен тренд да продолжи до крајот на годинава, изјави Деспотовски.

Редовната месечна анализа за август покажува највисоко ниво на увоз во првите осум месеци споредено со истиот период во изминатите четири години, како и речиси рекордна извозна и увозна активност годинава. Вкупниот увоз во првите осум месеци во зоните достигна 2,04 милијарди евра, што е за над 50% повеќе во однос на истиот период лани, односно над 11% во споредба со 2019 и речиси 32% повеќе од 2018 година. Само во август извозот е 275 милиони евра, што е 24% повеќе од август 2020 година, односно за 26% и 45% повеќе споредено со месец август 2019, односно 2018 година.

Во првите осум месеци од 2021г вкупниот увоз во зоните изнесува над 2,036 милијарди евра и е за 63% зголемен во однос на истиот период лани односно 17 % во однос на 2019г, а над 55% во однос на 2018. Само во месец август увозот во зоните достигна 269 милиони евра и е најголем во последните четири години споредено со истиот месец. Според анализата голем дел од увозот се должи на набавка на машини, опрема и нови технологии поради зголемените инвестициски активности во зоните што се одразува и на нето извозот, односно речиси изедначена покриеност на увозот и извозот во зоните. Заклучно со август нето извозот е во позитива од 0,34%, додава Деспотовски.

Компаративната анализа покажува и раст од 7,15% на бројот на вработени во август споредено со истиот месец лани, и стабилно ниво од над 14.000 вработени во компаниите активни во зоните.

Деспотовски најави и нови странски инвестиции во Штип, Кичево и Скопје.

OhridNews