Од денеска до 27 декември Секторот за внатрешни работи од Охрид ќе одржи превентивни и едукативни средби со граѓаните од Белчишта, Мешеишта и Косел.

“Во пресрет на новогодишните и божиќните празници, се позачестена е неодобрената употреба на петарди и други видови пиротехнички средства. Целта на овие средби е да укажеме на несаканите последици од нелегалната употреба на пиротехнички средства и други експлозивни материи” велат од Секторот.

Учество ќе земат командирот на Полициската станица од општа надлежност Охрид, началникот на  одделението за превенција при СВР Охрид, самостојниот инспектор за експлозиви и опасни материи, вишиот инспектор за превенција, командирот на Територијалната противпожарна единица како и претставници на Црвениот крст од Охрид.

Ваква средба вчера се одржа во Средното угостителско училиште “Ванчо Питошески”. На директорите на основните и средните училишта, на претставниците од педагошко-психолошките служби како и на останатите членови на сове- тодавната  група граѓани им беа поделени флаери и друг наменски пропаганден  материјал како и известувања за законските одредби по оваа проблематика  согласно Законот  за заштита од експлозивни материи и Законот за прекршоци против Јавниот ред и мир.

Ohridnews