Пред Собранието да почне со работа, децата со попреченост во развојот и нивните родители поставија шатори во Жена парк, кои викендов ќе бидат нивно живеалиште.
Овој протест го организира Здружението „Сплотени срца“, чија цел е да бидат видливи за политичарите и да ги запознаат истите со секојдневните проблеми на овие деца.

Родителите кои се сплотиле поради проблемите кои ги делат меѓусебно велат дека имаат потреба од стручен кадар во Центрите за деца со попреченост во развојот, квалитетна терапија, инклузија во образованието, но и центри каде нивните деца би биле сместени по нивната смрт. Зоран Мијалков, претседател на ова здружение, вели дека ова се само дел од проблемите со кои се соочуваат.

„Ги повикуваме граѓаните на Македонија, без разлика на национална или каква било определба, да дојдат и да се обединиме околу децата и возрасните со попреченост во развојот, но ги повикуваме и нашите 120 пратеници да нè посетат и да нè погледнат во очи. Ние кои ја имаме маката и живееме со неа сме обединети за децата со попреченост во развојот, но потребна ни е помош и од институциите“, вели Мијалков, претседател на „Сплотени срца“.

Поставувањето шатори во Жена парк  ќе биде пракса во периодот од 20 до 22 секој месец,  сè до исполнување на нивните барања.

OhridNews
извор Макфакс