Психолозите потенцираат дека крајно време е телевизиите да започнат со емитување и продуцирање на програми за деца затоа што за тоа се обврзани со закон.
-Децата немаат што да гледаат на телевизија и се принудени да ги гледаат увезените сапунски серии со чии ликови се идентификуваат. Ситуацијата во Македонија е алармантна затоа што нема продукција за деца и тие се препуштени на влијанието и насилството што го презентираат сапуниците и увезените програми, вели Татјана Гоговска, магистер по комуникации со 25-годишно искуство во областа на телевизиската продукција.
Таа објаснува дека децата немаат можност за позитивна идентификација со јунаци од нивното маало или нивното секојдневие.
-Многу е лош моментот на туѓа идентификација. Децата се идентификуваат со ликовите од турските серии. Тоа е лошо од повеќе аспекти затоа што детето не знае со кого се идентификува, нема позитивен пример на идентификација, потенцира Гоговска, додавајќи дека едно истражување во Америка покажува дека она што децата го гледаат од 4 до 8 години како негативно се рефлектира подоцна од 16 до 18 години.
Психолозите сматаат дека не е доволен само знакот дека програмата е наменета за лица над 16 или 18 години, кога таа програма се емитува во време кога децата масовно гледаат телевизија. Како позитивен пример за детска програма тие ги посочуваат „Белото циганче“, „Булки крај шините“, „Бушава азбука“ и слично.