Светскиот ден на лицата со попреченост, 3-ти Декември, на пригоден начин беше одбележан во Центарот за грижа на деца со интелектуална попреченост „Зраци“ во Охрид.

По тој повод во центарот се одржа Отворен ден на кој присуствуваа претставници на институции, невладини организации, здруженија и помагатели кои преку донации и општествено одговорни активности се трудат да им го олеснат секојдневието на децата со интелектуална попреченост.

-Основната определба на „Зраци“ е осамостојување на лицата со интелектуална попреченост, да научат сами да се снаоѓаат во приговување на храна, одржување на хигиена и слично, а  се со цел да им се олесни грижата на родителите после периодот на згрижување на децата, кои престојуваат во дневниот центар  од 8-16 часот.  – изјави Зоран Костадиноски, дефектолог во Центарот за грижа на деца со интелектуална попреченост „Зраци“.

Центарот реализира социјални и други активности за запознавање на згрижените деца со културното богатство на Охрид, се посетуваат спортски и друг вид настани, а се организира и заеднички одмор. Костадиноски посочува дека полека се менува и односот на заедницата кон лицата со интелектуална попреченост, што придонесува да се надминат одредени бариери во општеството. 

-Општеството созрева. Благодарни сме на сите институции во општината и на сите чинители на општественото живеење за поддршка која ни ја даваат. Луѓето сакаат да помогнат, но наша најголема потреба е да се овозможат сите неопходни услови во центарот, тој да се институционализира, за да може непречено да ги обавува сите активности.-додаде Костадиноски. 

Хумани граѓани и здруженија, по повод Светскиот ден на лицата со попреченост, денеска, донираа помагала, опрема и пригодни подароци за децата згрижени во „Зраци“, кои неизмерно се израдуваа на гостите кои ги посетија на Отворениот ден во центарот.

Г.М.