Ангажирани работници со договор на дело реагираат на одлуката на детската градинка „Јасна Ристеска“ да ја прекине соработката со нив во летниот период.
-Во детската градинка „Јасна Ристеска“ се направи втор бран на отпуштања на вработени со договор на дело со образложение дека нема потреба во летниот период од нас. Зарем имаше потреба во летен период да работам изминативе 7 години?– прашуваат вработени со договор на дело кои инсистираа на анонимност. Тие се сомневаат дека евентуалното нивно повторно ангажирање на есен ќе зависи од политичка волја.
Од детската градинка информираат дека не се работи за никаов бран отпуштања, туку за рационализација на вработените со договор на дело поради намалениот број на згрижени деца во летниот период.
-Заради намалениот број на деца и обем на работа во летниот период од 1.7. до 31.8. нема да се потпишат договори на лица ангажирани со договор на дело, за што тие се писмено известени. За било какво реактивирање на договорите овие лица ќе бидат известени во септември.-изјави директорката на градинките Розе Костоска.
Таа посочи дека во моментов во охридските градинки се згрижени 290 деца и дека е извршено спојување на градинките, за што исто така има реакции во јавноста.
-Причина за спојувањето е реновирање и дезинфекција на градинките„Билјана“ и „Развигорче“ кои во моментов се затворени, а децата запишани таму се префрлени во централната градинка и „Лихнида“-истакна Костоска.