Со премиерно прикажување на детската претстава „ Пат околу светот“ , во недела, 28- ми септември со почеток во 12 часот, почнува новата театарска сезона на охридскиот Народен театар.

Пат околу светот е пат низ фантазијата и имагинацијата на децата. Нема пакувања, нема билети, превозни средства и граници. Едноставноста и фасцинантноста на имагинацијата е во тоа што може да не однесе секаде, само треба да и се препуштиме. Возрасните тоа понекогаш го забораваат, но децата не, вели режисерката на претставата Драгана Танеска.

Улогите во претставата ги толкуваат актерите: Павел Маслов, Ивица Цонев, Билјана Билаловиќ и Сашо Ристовски.

Актерската игра во претставата е своевиден приказ на една спонтана детска игра во која децата без предрасуди и ограничувања се впуштаат во меѓусебна комуникација. Ликот на Цветко, кој го толкувам, е иницијатор на патувањето. Тргнува самостојно при што ги среќава своите другарчиња и тие заедно одлучуваат да го продолжат патот, објаснува Маслов.

Претставата, што претпремиерно и со слободен влез ќе се игра и утре со почеток во 18 часот, е во рамки на детско младинската програма која денес  ја промовира раководителот на охридскиот Народен театар, Горан Стојаноски.

Терминот во недела, 12 часот, театарот го промовира како термин за детски претстави. Покрај претставите за деца, од средината на октомври во новите простории, трите нови студија чија подготовка е во тек, ќе започне програма за работа со деца и млади , ќе се одржуваат работилници со лица, актери обучени во областа на театар во едукација и драма во едукација. Би се работело на индивидуализација на младите луѓе, што би овозможило и  откривање на нови млади таленти, вели Стојаноски.

Во октомври по повод месецот на детето , театарот во соработка со училиштата ќе ја изведе претставата „  Пат околу светот“ на својата матична сцена, а во втората половина на октомври премиерно ќе биде изведена и претставата- комедија „ Детектор за лаги“  во режија на Ненад Витанов.

Стојаноски најави зголемување на репертоарот, како и  стендап настапи, кабареа, како и гостувања на театри од Македонија.

За едногодишната пауза во работењето на театарот Стојаноски рече дека се должела на одредени технички проблеми, кои сега веќе се надминати со формирањето на нова техничка  екипа и изградба на нови простори, со што се очекува непречено функционирање на охридскиот театар.

Т.К.