Во организација на Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (ОСБСП) на Општина Охрид,  денеска ќе се  одржи едукативниот натпревар „Детски семафор“.

Општинскиот натпревар, кој се реализира во соработка со  основните училишта во градот, содржи теоретски дел во кој кандидатите ќе бидат писмено тестирани  за нивните познавања на сообраќајните знаци, правила и прописи, што ќе се одржи во ОУ „Григор Прличев“ и практичен дел – вешто возење со велосипед од страна на учениците на уреден полигон, што ќе се одржи претпладне на градскиот кеј.

Организаторот на натпреварот за сите учесници обезбеди пригодни признанија и подароци, а најдобрите и највештите натпреварувачи ќе добијат вредни награди и подароци, како во поединечна, така и во екипна конкуренција. Пригодни подароци и признанија се обезбедени и за одговорните наставници – ментори на екипите кои ќе ги претставуваат основните училишта.

Општинскиот натпревар претставува продолжение на започнатите активности на ОСБСП за унапредување на сообраќајно – техничката култура на учениците и најмладите учесници во сообраќајот во нашата општина. Од најуспешните и највештите натпреварувачи ќе биде формирана општинска екипа, која ќе земе учество на регионалниот натпревар „Детски семафор“, што ќе се одржи на 6-ти мај во Дебар. Државниот натпревар ќе се одржи на 28-ми мај во Скопје.

OhridNews