Деведесет пријави за неправилности во здравствениот систем од граѓани од сите градови, а најмногу од Скопје, досега се евидентирани на веб страницата на Министерството за здравство.

Во рамки на новата логика што ја градиме во здравството – логика на транспарентност и отчетност – веќе активно функционира Алатката за пријавување неправилности, преку која граѓаните можат директно да пријават проблеми во системот. Досега регистрирани се 90 пријави, најмногу од Скопје, а најчести се поплаките за доцнење на резултати, доцнење на прегледи и ангажмани на доктори во јавниот и приватниот сектор. Но најважно е што овие пријави и претставки не остануваат во фиока – секоја се разгледува од посебна работна група, со цел да има институционална реакција, посочуваат од Министерството за здравство.

Во духот на реформите, велат од Министерството кои веќе се започнати, направени се измени на Законот за здравствено осигурување – тргната е административната бариера, удвоен е бројот на поддржани обиди за ин витро од 3 на 6 и дигитализирана е постапката, а  времето за одобрување е скратено на само две недели.

Нема веќе чекање со месеци, нема изгубени документи по пошта, ќе има само нова шанса, надеж и пристапност. Истовремено, го упростивме процесот за лекување во странство, воведовме појасна одговорност во управувањето со Фондот и започнавме усогласување на правата на странските државјани со оние на нашите граѓани. Ова се конкретни чекори со кои го приближуваме здравствениот систем до човекот, додаваат од Министерството.

OhridNews