Конкурсите за доделување на највисоките општински признанија, наградата и повелбите – Патронот на градот „ Св. Климент Охридски“, завршија.
За наградата Св. Климент Охридски до локалната самоуправа пристигнале девет апликации. Одлуката кој ќе го добие највисокото општинско признание ќе ја донесат градоначалникот Никола Бакрачески и комисијата која е формирана по негова иницијатива, со цел наградата да оди во вистински раце.
До Комисијата за доделување награди и признанија и одбележување на празници, пристигнале седум пријави за повелби.
Најдоцна 7- ми декември треба да се објават добитниците на наградата и повелбите. Врачувањето на признанијата ќе се изврши на Свечената седница која традиционално ќе се одржи по повод празникот Свети Климент, Патронот на Охрид.
Со Свети Климентовата награда се оддава највисоко признание за животно дело, односно долгогодишни остварувања и врвни достигнувања во сите области од општествениот живот од особено значење за Општината , што претставуваат посебен придонес за развој на Општината и за нејзиниот севкупен напредок и афирмација во Република Македонија и светот.
Минатата година највисокото општинско признание, наградата за животно дело Св. Климент Охридски – патрон на Охрид отиде во рацете на доајенот на македонското пливање Александар Леко Радиќ, а добитници на повелби беа фотографот Стојан Стојаноски и соло пејачката Миланка Новеска.
OhridNews