Се повеќе објекти на јавните површини низ Охрид се мета не несовесни поединци, кои со своето девијантно однесување продолжуваат да ги оштетуваат јавните добра. Иако надлежните институции постојано реагираат и испраќаат апел до граѓаните, многумина го поставуваат прашањето, зошто овие проблеми со децении се провлекуваат низ охридските улици?
Граѓаните сметаат дека треба да се стави крај на овие девијантни појави во општеството, а сторителите да добијат високи парични казни, како во иднина не би ги повториле оваа чинови.
„Жалосно е на град кој се смета за туристички центар во Македонија, да му се случува ова. Проблемот лежи во нашиот менталитет, во воспитно-образовниот систем, но голем удел и вина имаат и самите родители. Треба повеќе внимание да се обрне на младите, да им се посочи и укаже дека нема никавка полза од уништување на јавните добра. Оние лица кои ќе бидат фатени или препознаени за овие вандалски чинови, нека бидат казнети и нека служат за пример на другите помлади генерации.“ – велат револтирано охриѓани.
Оштетени клупите и патоказите кои водат кон Канео
Искршени клупи за седење, оштетени патокази и застарени и нефункционални канделабри, е првото нешто што забележуваат гостите и туристите кои минуваат по поплочената патека која води до црквата ,,Св. Јован Канео” во Охрид. Ништо подобра не е сликата ниту во дворот на овој верски објект, а за ниската свест на поединци говорат искршените канти за отпадоци.
Ниската свест се манифестира и во строгиот центар
Покрај искршените клупи и отпадот, во централното градско подрачје се оштетуваат и останатите јавни добра. Честа мета во вечерните часови се контејнерите, метални и бетонските канти за отпадоци, како и останатите објекти поставени на јавните површини.
За новогодишните празници, настрадаа 24 канти за ситен отпад
За време на новогодишните празници, настрадаа корпите за ситен отпад поставени на градскиот плоштад, кејот и старата охридска чаршија. Како што неоддамна информираа од ЈП „Охридски Комуналец“, оштетени биле 24 корпи.
Уништен еден од најпрепознатливите симболи на источното крајбрежје
Непознати сторители на крајот од месец декември 2013 година, ја исекоа старата слива која растеше на камен на плажата Атлантик во месноста Елешец. Ова дрвце кое растеше на необично место, беше еден од најпрепознатливите симболи на источното крајбрежје.
O.T.