Како дел од проектот ,,ЗА КВАЛИТЕТНИ ЉУБОВНИ ВРСКИ, ДЕНЕС И ВО НАРЕДНИТЕ 364 ДЕНА,, во рамки на програмата здравство и превенција, а како посебен сегмент од кампањата за спречување на насилство, Младински Совет Охрид, спроведе истражување за насилство во адолесцентна врска, чија цел е да се испитаат ставовите и мислењата на младите адолесценти за насилството со кое обично се соочуваат.

Главната цел на ова истражување беше да се провери зачестеноста на насилството во врска кај младите адолесцентни во однос на полот.

Целна група во ова истражување биле 260 ученици на возраст од 15-19 години,од прва до четврта година, од трите средни училишта во општина Охрид и тоа 127 машки и 133 женски испитаници.

Споре дподатоците од истражувањето, младите имаат позитивни ставови и се задоволни од нивните врски, што укажува на нивното подлабоко и подобро себеспознавање и градење на емотивна зрелост. Во нивните врски често доаѓа до проблеми во комуникацијата, што укажува на извесно насилство во врската и дека главната причина е недоволната комуникација меѓу двата партнери, што донекаде е разбирливо бидејќи се работи за адолесценти кои сеуште емотивно созреваат, а од друга страна имаат голема потреба искуствено да ги доживеат нештата, но и потребата од насочување кое ќе им помогне во градење на емоционалната стабилност.

– Она што загрижува е податокот дека кај голем број од женските испитаници , постои психички облик на насилно однесување кое тие го пројавуваат во нивните врски. Често пати тие не се свесни за тоа, поради нивната недоволна информираност за насилството, па наоѓаат оправдувања за нивната љубов. Тоа може да се забележи и од потврдните одговори дека љубомората е начин за изразување љубов. Не се исклучува и објаснувањето дека жената е онаа која предизвикува со своето однесување што е пак објаснување и оправдување за насилното однесување на мажот. Тоа во голема мера зависи од доживувањата и искуствата на адолесцентите, како и влијанијата од семејството и средината, велат од МСО.

Адолесцентите во врската можат да ги проценат физичките облици на насилство токму затоа што се видливи и не се случуваат само во врска туку во денешно време се и најзастапени, додека психичките облици ги занемаруваат и не можат да ги препознаат како насилни затоа што самата средина така им налага и често пати се облик само на привремен стрес, но не и на поголеми последици.

        Податоците укажуваат и на тоа дека младите или не се добро информирани за тоа што всушност претставува насилството во врска или пак сметаат дека некои облици на однесувања не се насилни и не можат добро да ги препознаат, па затоа имаат потешкотии во негово дефинирање. Не е за занемарување и податокот кој укажува на тоа дека порнографските содржини вклучуваат често пати и слики за насилство кои не само што водат до извитоперување на сексуалноста, која поставува стандарди каде младите не се секогаш подготвени да ги прифатат и водат до фрустрација која понатаму се преточува во насилство.

Од МСО потенцираат дека поради тоа, неопходно е насочување за правилна комуникација на адолесцентите при стапување во врска, во спротивно отсуството на овие карактеристики води до недоразбирања и конфликти во врската кои завршуваат со насилство.

Од Младински Совет Охрид најавуваат реализација на еднодневни семинари за спречување на насилство во врска кај адолесценти за средношколци, во соработка со трите средношколски центри во општина Охрид.

OhridNews