Поминавме долг пат од економијата на пари, преку економијата на информации, потоа до економијата на внимание, па се до економијата на емоции. Денес имаме економија на доверба. Клучната промена е што повеќе не прашуваме ‘Дали е вистина?’, туку ‘Дали му верувам на изворот?’ – прашање што бара да градиме критичко размислување, дигитална писменост, комуникација, соработка, емпатија и сочувство, рече медиумската експертка од Романија, Јоана Авадани на отворањето на работилницата „Фактс Контент Лаб“ во Подгорица, кој се одржува во рамките на кампањата за медиумска писменост на DG ENEST WeBalkans – „Фактите на прво место“.

Pаботилницата претставуваше ретка можност за новинари, инфлуенсери, факт-чекери и креатори на содржини од целиот Западен Балкан да се соберат и да ги споделат своите локални перспективи за дезинформациите. Тие дискутираа за влијанието на овој феномен врз секојдневниот живот во регионот и ја истакнаа важноста на точноста на информациите кои треба да се базираат на факти, на критичкото размислување и информираното граѓанско учество.

Дезинформацијата не е само ширење на невистини, туку контрола на јавниот дискурс и поткопување на демократските вредности. Спротивставувањето на дезинформациите ја штити демократијата, го поттикнува информираното донесување одлуки и води кон посилни, медиумски писмени општества, рече Ралука Костаке, тим лидер на програмата WeBalkans.

Посочи дека преку кампањата „Фактите на прво место“ се нагласува дека создавањето конфузија е поволно за ширење на дезинформации, додека пак фактите носат јасност.

Перспектива за пристапувањето кон ЕУ заснована на факти им овозможува на граѓаните на Западен Балкан критички да ја проценуваат информацијата и да ги отфрлаат лажните наративи, додаде.

Главен фокус на работилницата беше разобличување на вообичаените заблуди за пристапувањето кон ЕУ. Учесниците дискутираа како креаторите на содржини, особено новинарите, можат да ги разоткријат лажните наративи и да и понудат на публиката од ЕУ и Западен Балкан појасно разбирање на процесот на пристапување кон Европската Унија.

Еден од најинтересните сегменти беше проекцијата на „иднина на вистината“. Учесниците размислуваа што би можело да влијае врз вистината во 2040 година. Вести генерирани со помош на вештачка интелигенција беа препознаени и како предизвик и како призма преку која повторно се афирмира улогата на човекот. Заклучокот беше јасен: вештачката интелигенција може да помогне, но човечката емпатија ќе води – затоа што луѓето секогаш ќе имаат потреба од луѓе.

Кога известувате и се обидувате да ги проверите изворите и тврдењата, станувате свесни не само за брзината со која се шират дезинформациите, туку и за нивната масовност во јавниот дискурс – и колку длабоко го обликуваат јавното мислење. Нашата задача не е само да ги коригираме невистините, туку и повторно да ја освоиме довербата на луѓето, буква по буква, приказна по приказна, рече новинарот Дејан Шајиновиќ од „Независне новине“.

Учесниците на настанот истражуваа нови и ефективни начини за спротивставување на дезинформациите. Работејќи во динамични тимови, тие развија креативна мултимедијална содржина дизајнирана да влијае врз публиката и да промовира кредибилни извори кои својата работа ја базираат на факти.

Како инфлуенсерка, верувам дека најважно е да останам верна на тоа која сум во вистинскиот живот. Не сум само личност што зборува за книги – ја користам својата платформа за да ги споделам своите вистински ставови и да придонесам за значајни разговори во албанското општество, секогаш проверувајќи ги изворите и фактите. Како и со рецензиите на книги – не можете да зборувате за книга кажувајќи сосема друга приказна. На социјалните мрежи искреноста треба да биде вашата цел ако сакате да изградите долгорочна врска со публика што навистина ви верува, рече Џорџина Роци, инфлуенсерка.

Покрај дезинформациите генерирани со помош на вештачка интелигенција, учесниците анализираа и техники на убедување, пристрасно известување и тешко воочливо рекламирање, кои сè повеќе ја замаглуваат границата меѓу информација и манипулација.

Во овој контекст, беше нагласена важноста на проверката на факти како процес кој не е само лов на лажни тврдења – туку начин да се успори сензационализмот во јавниот простор за да има време да се увиди вистината. Во морето од вирални содржини, улогата на факт-чекерите е повторно да го стават фокусот на доказите.

Исто така, работилницата ја потенцираше потребата од создавање подобри услови за зајакнување на независна и професионална медиумска средина. Преку поддршка на интегритетот на медиумите, иницијативите за проверка на факти и медиумската независност, ЕУ има за цел да ја зајакне довербата на граѓаните во кредибилното новинарство низ Западен Балкан.

Борбата против дезинформации не претставува само презентирање на факти – туку повторна изградба на доверба. Луѓето треба да веруваат не само во точноста на информацијата, туку и во интегритетот на оние што ја споделуваат. Довербата е мостот меѓу вистината и разбирањето, а без доверба, фактите можат да бидат занемарени, рече Авадани.

Тридневната интензивна работилница резултираше со содржини подготвени за објава: видеа, статии и приказни за социјалните мрежи кои не само што ги отсликуваат ставовите на новинарите, инфлуенсерите, факт-чекерите и креаторите на содржини за темата дезинформации, туку и начинот на кој тие би комуницирале за оваа тема со својата публика.

OhridNews