Министерството за култура ги негира информациите кои изминатите денови се пласираат во јавноста дека познат културен работник од Скопје ќе застане на чело на фестивалот Охридско лето.

-Се работи за дезинформација, бидејќи согласно законот во изборна кампања не може да се назначи  раководител на манифестацијата. Именувањето на нов директор согласно распишаниот конкурс ќе се изврши по завршување на предвремените парламентарни избори, а во меѓувреме ќе биде поставен нов в.д. директор од редовите на вработените, затоа што на актуелниот вршител на должност наскоро му истекува вториот мандат.-изјави за OhridNews Анита Јованоска, портпарол на Министерството за култура.

За избор на директор на фестивалот Охридско лето од страна на Министерството за култура беше распишан втор конкурс, откако претходно не беше избран ниту еден од пријавените 12 кандидати на првиот распишан конкурс. Подготовките за 51 издание на фестивалот Охридско лето се во полн ек, а познати се и дел од учесниците. На новиот директор ќе му остане неполн месец да се вклучи во завршните подготовки на манифестацијата.

OhridNews