Во ноќта помеѓу вторник и среда ќе започне финалната серија во НБА лигата, во која кошаркарите на Оклахома Тандер и Мајами Хит ќе се борат за шампионскиот прстен.
Предноста на домашниот терен, поради подобриот резултат остварен во регуларниот дел од сезоната, ќе го има Оклахома.
Серијата го носи и директниот дуел на најдобриот играч во регуларниот дел од сезоната и најдобриот стрелец, Леброн Џејмс и Кевин Дурент.
Петти пат од 1967 година наваму МВП на првенството ќе игра против најдобриот стрелец, последен пат тоа се случи во 1997 година, кога Чикаго предводен од Мајкл Џордан ја победи Јута на Карл Мелоун.
Мајами втора година по ред игра во големото финале, минатата сезона тие беа поразени од Далас.
Оклахома до своето прво финале под ова име, воедно и прво по 1996 година кога тимот настапуваше под името Сиетл Суперсоникс, стигна преку Далас, ЛА Лејкерси и Сан Антонио, овие екипи освоија 10 од последните 13 титули во НБА лигата.
Тимовите имаат по една титула во НБА, Мајами во 2006 кога во финалето го совладаа Далас, додека Оклахома има шампионски прстен под името Сиетл Суперсоникс, оваа екипа во 1979 во финалето го победи Вашингтон.
Победник во големото финале ќе биде екипата која прва ќе стигне до четири победи, финалната серија се игра по систем 2-3-2, првите две средби ќе се одиграат во Оклахома, потоа серијата се сели во мајами каде се предвидени три натпревари, а доколку е потребно последните две средби ќе се одиграат повторно во Оклахома.
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com