Алберто Џилардино од Фиорентина ќе се пресели во екипата на Џенова, јавија италијанските медиуми. За трансферот на 29-годишниот напаѓач Џенова на Фиорентина ќе и плати осум милиони евра.
Џилардино, кога и официјално ќе започне зимскиот преоден рок, со Џенова ќе потпише четири и пол годишен договор. Трансферот на напаѓачот го потврди и претседателот на Џенова, Енрико Прециози. Џилардино за Фиорентина играше од 2008 година, претходно беше член на Верона, Парма и Милан.
За репрезентацијата на Италија, со која во 2006 година ја освои светската титула, има одиграно 47 натпревари, на кои постигнал 17 голови.
На неколку дена до официјалниот почеток на зимскиот преоден рок, медиумите во Англија веќе започнаа со шпекулациите околу можните трансфери.
Ливерпул е заинтересиран да го донесе на „Енфилд“ репрезентативецот на Уругвај, Жорге Фусиле. Дефензивецот на Порто беше цел на Кени Далглиш и во летниот преоден рок, но тогаш португалците, како обештетување, бараа 20 милиони фунти, што Ливерпул одби да плати. Во меѓувреме, 27-годишниот дефанзивец го загуби местото во почетниот состав на Порто, што остава простор тој во јануари да ги смени клупските бои.
Тотенхем ќе се обиде да склучи договор со еден од најдобрите млади фудбалери на Островото, Џек Родвел од Евертон. Менаџерот на Спарси, Хари Реднап, наводно бил подготвен покрај паричен надомест (се споменува сума од 20 милиони евра), да го врати во Евертон, репрезентативецот на Јужна Африка, Стивен Пиенар.
Арсенал, во овој преоден рок, би можел да остане без Томас Росицки. Шпекулациите говорат дека за Чехот е заинтересиран Олимпијакос, а не се исклучува можноста, менаџерот Арсен Венгер да даде зелено светло за овој трансфер, доколку грчкиот тим испрати адекватна понуда
“макфакс“
Ohridnews
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com