Тошак е светски познато и признато тренерско име кој во својата богата фудбалска кариера седеше на клупата на Реал Мадрид, Депортиво, Сосиедад, Бешикташ, Спортинг, Сент Етјен, Катанија, Мурсија…..а од 2004 до 2010г. го предводеше националниот тим на Велс со кој влезе и во квалификациите за ЕП 2012г. Се повлече по поразот од Црна Гора од 1-0 на 9. Септември минатата година.
Претседателот на ФФМ, Хари Хаџи-Ристески од Барселона каде се водеа преговорите изрази задоволство од разговорите и постигнатиот договор со велшкиот стручњак:
– Морам да кажам дека разговорите минаа во извонредно конструктивна и пред се прекрасна атмосфера. Господинот Тошак изрази голема желба да го води нашиот национален тим што за нас, не само како федерација, туку и како скромна фудбалска нација е големо признание. Џон Тошак ги прифати условите што ги понудивме во рамките на предвидениот буџет на федерацијата и на зедничко задоволство се договоривме да ја предводи нашата селекција во следниот квалификациски циклус за СП во Бразил – изјави за сајтот на ФФМ Хаџи-Ристески
Тошак ќе пристигне во Македонија на 25. Август а официјалната промоција ќе биде ден подоцна. Натпреварот со Азербејџан ќе го следи со посредство на телевизиските екрани а потоа во разговор со Бобан Бабунски ќе добие дополнителни информации за гостувањето во Баку. Тошак изрази желба да проследи и еден натпревар од домашното првенство. Според договорот велшкиот тренер ќе ја предводи Македонија и до крајот на овој квалификациски циклус за ЕП 2012. Негов премиерен дуел ќе биде средбата во Москва со селекцијата на Русија на 2.Септември:
– Навистина ми е чест што ФФМ ме одбра мене за селектор на македонската фудбалска репрезентација. Луѓето од раководството беа прекрасни, отворени и тоа ми дава надеж дека заедно можеме да постигнеме успех на репрезентативен план. Ќе ги следам случувањата со Азербејџан и заедно со информациите што ги имам и прегледувањето на неколку натпревари од квалификацискиот циклус за ЕП 2012г. ќе ја добијам дефинитивната слика за потенцијалот на тимот. Се разбира максимално ќе ги искористиме следните квалификациски средби за да што подобро се подготвиме за предизвикот кој се вика Бразил 2014. За групата не би говорел многу. Првиот впечаток е дека се работи за тешка но доста израмнета група. Секогаш верувам во мојата работа и сигурно вреди да се обидеме сите заедно да направиме достоен успех во следниот циклус. Не би говорел во оваа прилика за противниците бидејќи е потребно време да се направи добра анализа а секако и план на активностите. Што се однесува до „мојот” Велс сигурно дека е тешко да се игра против „своите” но барем засега не сум размислувал како ќе го прифатат тоа навивачите на Велс. Јас сум професионалец и размислувам само во тој правец – изјави новиот селектор на Македонија Џон Тошак.
Да потсетиме Тошак е 9. Селектор на Македонија по Дончевски, Хаџиевски, Канатларовски, Илиевски, Сантрач, Бабунски, Катанец и Јонуз. Единствено Канатларовски во два наврати застана на кормилото на националниот тим.