Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска го посети Регионалниот центар за дигитализација на културното наследство, кој е сместен во Музејот на современа уметност, а функционира како одделение во рамки на Управата за заштита на културното наследство.

-Дигитализацијата е многу важен и значаен процес за Република Македонија, следејќи ги сите нови технолошки процеси. Со отворањето на овој Регионален центар за дигитализација на културното наследство, со поддршка на УНЕСКО, од 2008 година досега се дигитализирани над 340 илјади документи од нашето вредно културно наследствона неколку национални установи, истакна Канческа-Милевска.

Најголем број од дигитализираниот материјал е од матичната установа за заштита на културното наследство, Националниот конзерваторски центар-Скопје. Дигитализирани се повеќе од 270.000 примероци на техничка, дескриптивна и фотодокументација на НКЦ, повеќе од 30.000 примероци од фондовите на Конзерваторскиот центар – Скопје, како и 37.000 примероци од документацијата на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.

Бројот што се планира на годишно ниво, согласно Стратегијата која е донесена за дигитализација на културното наследство во 2010 година, е околу 70 илјади материјали кои се дигитализираат и таа динамика се следи од овој Регионален центар за дигитализација на културното наследство.

Паралелно со дигитализирањето на документацијата за културното наследство на овие национални установи, активно се работи и на пополнување на националниот информативен систем на културното наследство – нискн.гов.мк, каде се внесени податоци, односно дигитализирани се материјали за 41 споменик на културата од Република Македонија. Сите овие активности ги реализира стручниот тим на Центарот за дигитализација, каде има пет редовно вработени различни профили на кадри.

-Овие содржини ќе бидат можност за интензивирање на соработката со земјите од регионот и пошироко со кои можеме да партиципираме во програмите кои се во рамки на УНЕСКО и на Европската унија. Министерството за култура како досега, така и во иднина ќе продолжи со поддршка на активностите на Центарот за дигитализација, но, ина сите останати проекти кои се во функција на заштита и промоција на нашето богато културно наследство, рече Канческа-Милевска.

Таа информира дека НУБ „Св. Климент Охридски“ во рами на дигитализацијата на библиотечниот материјал исто така е задолжена на годишно ниво да дигитализира 10 илјади примероци, и тоа ретки книги, ретки матертијали, карти и друго.

OhridNews