Во чест на Богојавленските празници, Историскиот архив на град Охрид и Лајонс клубот Лихнидос направија дигитална верзија на интересен архивски материјал, наречен Рибарски алманах.

 

Станува збор за регистар на лиценцирани рибари во Охридското езеро, од периодот 1934 – 1941 година, единствен од таков вид во нашата земја. На тој начин, оваа ретка колекција на имиња и фотографии станува достапна за пошироката јавност.

 

Овој чин претставува своевиден подарок за охриѓани за Денот на рибарите, со целокупна поддршка од директорот на Државниот Архив Д-р Емил Крстески.

В.Д. раководителот на Историскиот архив – Охрид, Доцент Д-р Никола Митровиќ Бабе, вели дека со првата дигитална верзија на алманахот се претставени 150 рибари (од вкупно 480, кои биле регистрирани во тој период).

Многумина денешни охриѓани ќе можат да си ги видат своите претци, па дури и да си ги најдат корените на сопствените имиња. Нема сомнение, традицијата во Охрид, Струга и околните рибарски села е силно изразена преку пренесување на истите имиња ‘од колено на колено’. – појасни Д-р Митровиќ.

Проф. Д-р Зоран Тунтев, иницијатор на акцијата, изрази. задоволство што соработката на Лајонс клубот Лихнидос со Архивот на град Охрид продолжува, токму со реализација на ваква несекојдневна и оригинална идеја.

Kористам прилика да се заблагодарам на Г-дин Ардијан Бајрамовски, со чија помош видео материјалот ќе се емитува на големиот билборд на градскиот плоштад (во ударни термини на 19 и 20 Јануари). Исто така, и’ благодарам на екипата од Културолошката иницијатива ‘5 до 12’ за несебичното залагање, како и на членовите на ансамблот ‘Билјана’, за нивната музичка поддршка на видео материјалот. Ова не е наша прва заедничка иницијатива, а сигурен сум дека нема да биде ни последна. – потенцираше Професорот Тунтев.

OhridNews