Влијателни бизнисмени од дијаспората и членови на асоцијацијата „Македонија 2025“ ќе вложат сопствени средства во Фондот за реализација на инвестиции во македонската економија „СЕАФ Македонија 1“, чие формирање беше официјализирано на Првиот глобален инвестициски самит, што вечерва заврши во Охрид.
-Во овој уникатен фонд, единствен од ваков вид во светот, инвеститорите ќе вложуваат секој по половина милион долари. Во него ќе инвестирам јас, Џон Битов кој исто така ќе инвестира половина милион долари, а можеби и повеќе. Парите со прецизни бизнис планови ќе се инвестираат директно во стопанството, но исто така и во подобрување на знаењето на менаџерите.-изјави Мајк Зафировски, претседател на асоцијацијата „Македонија 2025“.
Фондот, кој заеднички го формираа асоцијацијата „Македонија 2025“ и инвестицискиот фонд СЕАФ присутен во 20-на држави низ светот, е проектиран на 15 милиони долари. До овој момент се обезбедени околу 80 проценти од планираните средства кои на профитна база ќе бидат инвестирани во 10-15 македонски фирми. Покрај СЕАФ и бизнисмените од дијаспората, фондот ќе биде отворен и за домашниот капитал.
-Постои интерес од институции во Македонија за инвестирањеи во фондот. Постои желба кај нив, но и кај поединци да ја поддржат оваа мисија. Ние сме отворени.-истакна Берт ван дер Варт од „СЕАФ Македонија 1“.
На Глобалниот инвестициски самит во Охрид беа донесени повеќе заклучоци во насока на привлекување на инвестиции од дијаспората, која најави поддршка за македонаката економија.
Следниот ваков собир ќе се одржи догодина во исто време.
Г.М.