Околу 350 бизнисмени од дијаспората и земјава, експерти, претставници на познати светски компании, на меѓународни финансиски институции и дипломати, учествуваат на Првиот глобален инвестициски самит, што денеска започна во Охрид. Целта на самитот, како што истакнаа од асоцијацијата „Македонија 2025“, која е организатор на настанот, е да се анимира бизнис дијаспората во насока на подобрување на конкуретноста на македонската економија и да и се помогне на земјата во привлекување на странски инвестиции.
– Самитот во Охрид има две цели- да се пронајдат потенцијални инвеститори и да се зголеми посветеноста на владата и бизнис заедницата да се движи напред и да се подобри бизнис климата во Македонија, истакна на отворањето на самитот претседателот на „Македонија 2025“, Мајк Зафировски.
Како што беше најавено, наскоро, бизис дијаспорта во Македонија ќе формира Фонд за реализација на инвестиции, кој се очекува да ги поттикне македонските бизнисмени кои работат низ светот да инвестираат во својата земја.
– Во Македонија приливот на средства од странство на годишно ниво се движи околу една милијарда долари, што придонесува за финансиска стабилност на земјата. Значи дијаспората веќе е присутна на одреден начин во Македонија, а на самитот ќе го обзнаниме и формирањето на инвестицискиот фонд на дијаспората во кој директно ќе инвестира дијаспората, изјави Роберт Арсов, член на Бордот на директори на „Македонија 2025“.
Учесниците на самитот ги поздрави премиерот Никола Груевски, кој се осврна на економските политики на владата и условите за водење бизнис во Македонија.
– Ќе подолжиме со нашите напори во привлекување странски инвеститори и секоја ваша помош и поддршка и идеја ќе ни биде добредојдена, им порача на бизисмените од дијаспората Груевски.
Од самитот кој трае до недела, се очекува да произлезат конкретни заклучоци и иницијативи кои треба да ги унапредат односите на државата и домашните стопанственици со бизнис заедницата од дијаспората.
Г. Момироски
фото: Емилио
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com