Деновиве во Социјалниот клуб „Престон Македонија“ во Мелбурн, Австралија, се одржа отворено Собрание со претставници на македонските организации, против најавата на повеќе македонски институции, академици, научници, историчари и новинари за заедничка прослава на празникот Илинден со Бугарија.

На состанокот чиј организатори беа Федерацијата на културно уметничките друштва од Викторија, Македонско – Австралиска заедница на организации, Егејски совет на Македонците од Викторија и Федерација на македонските пензионерски организации од Викторија, се донесе Резолуција која е испратена до Владата на Р. Македонија, претседателот Ѓорѓе Иванов, Собранието, МАНУ, МПЦ – ОА, политичките партии СДСМ, ГРОМ, Алијанса за граѓанска Македонија и Достоинство, Агенција за иселеништво како и македонските медиуми и јавноста ширум светот.

„Ние, Македонците, претставници на македонските организации во Викторија и Австралија огорчени во душите, вечерва се собравме да ги разгледаме последните најави, предлози и активности на македонските политичари, академици, големоцрковни достојници, историчари, научници, експерти и новинари за заедничка прослава со Бугарија на македонскиот државотворен празник – Илинден. Имено, во втората половина на мај имаше заедничка прослава во Бугарија на светите македонски просветители Кирил и Методија каде што беа прославени како словенски просветители, а притоа поглаварот на МПЦ ОА г.г. Стефан не сослужуваше со поглаварот на Бугарската православна црква. Браќата Кирил и Методија прво се Македонски просветители, а потоа се словенски или сесловенски.“ – стои во Резолуцијата.

Како што пишува во Резолуцијата, поради активностите за заедничка прослава на Илинденското востание со Бугарија, темелно е разнишана историјата на македонскиот народ.  

„Илинденското востание не смее да биде предмет за пазарење затоа што во душата на секој Македонец гори Илинденскиот оган кој ја зафати целокупна етничка Македонија од Сандански, Петрич, Гоце Делчев, Драма, Кавала, Воден, Костур, Лерин, Битола, Крушево, Охрид, Велес, Скопје, Штип, Струмица и други места на етничка Македонија. Тогаш, во 1903 год, се потврди уште еднаш националната и етничка посебност на македонскиот народ и се потврди државотворноста со создавањето  на Македонската Република (Крушевска Република). Овај подвиг, ова дело се потврди и на 2 Август 1944 год во Прохор Пчињски кога се ослободи Република Македонија од окупацијата на фашистичка Бугарија.“ – пишува во Резолуцијата.

Претседавачите бараат Бугарија да го признае македонскиот народ и јазик, односно етничките Македонци во нивната земја, извинување за нанесените материјални штети и злосторства за време на фаштистичката окупација, исплаќање оштета за периодите од 1941-1944, односно 1913 до денес, враќање на комитската облека на Гардата на РМ и затворање на Бугарскиот културен дом во Скопје.

„Прифаќаме заедничко одбележување на востанието на Македонскиот народ од 11 Октомври 1941 год против бугарскиот фашизам и заедничка прослава на 2 Август 1944 година, денот на капитулацијата на Бугарија во Македонија. Безусловно ги отфрламе сите опции и видови на заедничка прослава со Бугарија на македонскиот национален и државотворен празник – Илинден затоа што заедничката прослава ќе ги сруши темелите на историјата на македонскиот народ и државотворноста на Македонија.“ – стои во Резолуцијата.

OhridNews