На престојните претседателски избори своето право на глас, првпат ќе го оствари и дијаспората. 68 илјади македонски државјани кои живеат или работат во странство ќе гласаат за избор на нов претседател на Република Македонија, кои своето право на глас ќе го остварат еден ден пред одржувањето на претседателските избори односно на 12-ти април.
Државната изборна комисија во средата едногласно го усвои јавниот повик на кој треба да се пријават сите заинтересирани. Оваа бројка од 68 илјади гласачи од дијаспората произлегува од веќе евидентираните граѓани што во избирачкиот список се обележани со ѕвездичка и кои повеќе од три месеца живеат надвор од границите на матичната држава, а кои имаат право на глас.
Предвидено е дијаспората да гласа во избирачките единици седум, осум и девет, а граѓаните кои живеат во странство ќе треба да пополнат образец кој се наоѓа на веб страната на Државната изборна комисија или во конзуларните претставништва и амбасадите, најдоцна до втори март.
За да го остварат своето право на глас, ќе треба да приложат биометриска патна исправа или документ со кој се потврдува дека имаат законски престој во земјите од странство како и пријава со личен потпис.
OhridNews
извор: Макфакс