Сѐ додека не се усвои извештајот од вкрстените податоци за прочистување на избирачкиот список, сите бројки што излегуваат во јавноста се шпекулации, тврдат од Државната изборна комисија, од каде велат со дополнителните мерки што ќе ги спроведат денеска и утре ќе се добијат точни податоци.
„Сѐ до усвојувањето на извештајот од вкрстените проверки од ДИК сите информации што се појавуваат, а се поврзани со наводни резултати од вкрстените проверки, се во доменот на шпекулации и дезинформации“, рече Љупка Гугучевска советник во ДИК.
Таа рече дека во тек е дополнителна анализа и кога таа ќе заврши, ДИК тогаш ќе може да ја каже официјалната бројка на спорни гласачи.
„По првичното разгледување на извештајот од вкрстените проверки ДИК одучи да спроведе дополнителни контролни тестови за дел од прашањата што беа опфатени во анализата. Со дополнителни проверки треба да се осигура точноста на добиени податоци. Дополнителната анализа треба да биде готова во најбрзо време, денеска или утре“, рече Гугучевска.
Таа појасни дека и дополнителната контрола е предвидена со планот за вкрстена проверка што беше усвоен од ДИК на 25-ти февруари годинава.
По завршувањето на дополнителните тестови ДИК ќе закаже јавна седница на која ќе го усвои извештајот од дополнителните контроли.
Во медиумите, денеска излезе бројка од близу половина милион гласачи за кои податоците во избирачкиот список се спорни по повеќе основи.
OhridNews
Извор:„Макфакс“