Државната изборна комисија денеска во 11 часот ќе одржи седница на која ќе бидат разгледувани пристигнатите приговори кои се однесуваат на постапката на за гласање и сумирање на резултатите.
До ноќеска на полноќ кога истече законскиот рок до ДИК пристигнале 16 приговори од учесниците на неделните вонредни парламентарни избори. Од нив осум се на коалицијата предфводена од СДСМ, осум на БЕСА.
Приговорите на Беса се однесуваат на општините Арачиново, Тетово, Гази Баба и Липково, а приговорите на СДСМ на избирачки места во шестата изборна единица.
ДИК треба да донесе одлука по приговорите во рок од 48 часа, по што следи рок за жалба до Управниот суд исто така од 48 часа, кој пак во рок од 48 часа треба да одлучи по истата.
ДИК има право доколку се утврдат неправилности да поништи гласање на одредено избирачко место на што учесниците во изборите имаат право на жалба до Управниот суд кој треба да одлучи по истата во рок од 72 часа, а евентуалното прегласување ќе се спроведе 14 дена по првото гласање.
Според првичните резултати на ДИК на предвремените парламентарни избори коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ освои 51 мандат, СДСМ 49, ДУИ 10, БЕСА 5, Алијанса за Албанците 3, а ДПА 2.
ДИК конечните резултати треба да ги соопшти до 20-ти декември.
Инаку првично седницата на ДИК на која требаше да се расправа по пристигнатите приговори требаше да се одржи синоќа, но таа беше одложена од безбедносни причини. Пред седиштето на ДИК синоќа се собра помала група симпатизери на ВМРО ДПМНЕ кои сметаат дека некој сака да им ја одземе победата. Собирања на симпатизри на владејачката партија имаше во повеќе градови, како и пред општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ во Охрид.
OhridNews