Државната Изборна Комисија на денешната 57 седница, едногласно го донесе роковникот за престојните претседателски избори, откако претходно на први февруари претседателот на Собранието, Трајко Вељановски, донесе одлука за распишување на избори со кои граѓаните ќе изберат претседател на државата.

Со одредбите од решението за распишување на претседателски избори се предвидува првиот круг на изборот да се одржи на 13 ти април, а доколку не биде избран претседател ќе се одржи и втор круг кој предвидено е да се реализира по 14 дена од првиот круг, односно на 27 ми април. Изборната кампања започнува дваесет дена пред денот на изборите и ќе трае до 11 април. Денот пред изборите е предвиден како ден за предизборен молк. Претседателот на ДИК, Никола Рилкоски информира дека јавниот увид во избирачкиот список ќе започне на 16 ти февруари и ќе трае до седми март.

Според роковникот листите на кандидати треба да се поднесат најдоцна 30 дена пред денот на изборите односно до 13 март 2014 година. Лицата кои сакаат самостојно да настапат на изборите и кои ги исполнуваат сите услови предвидени со Закон ќе треба да соберат 10 илјади потписи во периодот од 16 февруари до 2 март.

За прв пат на претседателски избори ќе гласа и дијаспората. Државјаните на Македонија кои се на привремен престој или работа во странство, односно кои се надвор од државата повеќе од три месеци, треба да се пријават со пополнување на обрасци кои ќе може да ги најдат на веб страната на ДИК како и во конзуларните претставништва во дијаспората. Пријавувањето за гласање на граѓаните од дијаспората ќе трае до седми март.

OhridNews

извор:Макфакс