Државната изборна комисија ја заврши вкрстената проверка на податоците и извештајот од проверката ќе го разгледа на седница што ќе се одржи денес. Веднаш потоа ќе почнат подготовките за спроведување на теренската проверка. Предмет на оваа проверка ќе бидат и дел од случаите на нерегуларности пријавени од граѓаните. Досега, околу 5.000 граѓани пријавиле проблематични случаи за податоците.

Државната изборна комисија одлучи дека мора да почне со теренската проверка за да се направи увид во фактичката состојба со многу сомнителни адреси и запишување по стотина граѓани во еден стан или куќа, како и пронајдените гласачи на адреси на државни институции, но и на повеќемина партиски функционери.

Избирачкиот список е нереално огромен со запишани над 1.800.000 гласачи, а бројот на населението иако нема попис според повеќе статистики изнесува нешто над два милиони.

Од неделата на полноќ, ДИК ја укина прјавата на неправилности преку веб апликацијата, затоа што до тој момент имало пристигнато премногу барања и известувања, кои треба да се обработат. Сепак, ја оставија можноста граѓаните преку писмени барања да ги пријавуваат неправилностите, во подрачните канцеларии на ДИК.

OhridNews