Нова проверка на избирачкиот список која предвидува теренска евиденција во неколку пилот–општини или проверка на гласачите по принципот од врата на врата во проблематичните општини, се опциите кои ги разгледаува работната група за ново прочистување на евиденцијата на избирачи во Државната изборна комисија (ДИК).
Станува збор за предлози кои се опфатени во Акцискиот план за спроведување на методологијата за проверка на списокот изработен од ДИК.
Новиот предлог за прочистување на списокот доаѓа во пресрет на бриселскиот извештај за напредокот на земјава во евроинтеграциите, како и во време на бојкот од страна на опозицијата. Прочистувањето на избирачкиот список е едно од петте барања на СДСМ за враќање во Собранието, но, сепак, разговорите за проверка на избирачкиот список ќе се водат без учество на членовите од СДСМ во работната група.
Потпретседателот на СДСМ и член на работната група, Дамјан Манчевски, изјави дека тие нема да учествуваат на состанокот за проверка на избирачкиот список затоа што не сакаат таму парцијално да разговараат само за едно од нивните пет барања за надминување на политичката криза во земјава.
„Сметаме дека е безпредметно да се разговара за нешто што треба да е дел од петте точки за кои СДСМ бара да се преговара меѓу власта и опозицијата со цел да се обезбедат минимум услови за фер и демократски политички натпревар и избори“, изјави Манчевски.
Најголемата опозициска партија смета дека избирачкиот список може да се прочисти единствено преку спроведување попис.
OhridNews
извор Макфакс