Забрана Државната изборна комисија на својата веб страница да објавува име, презиме, адреса, пол, општина, датум на раѓање, податок за иселени лица и број на гласачко место, односно записи што ги содржи веќе објавениот Список за теренска проверка.

Дирекцијата за заштита на личните податоци, три дена по одлуката на ДИК да ги објави спорните записи за повеќе од 89 илјади избирачи изрече забрана за објавување на овие податоци, откако извршила вонреден надзор и констатирала дека не е правично и не е во согласност со Изборниот законик и со Законот за заштита на личните податоци, пристап до личните податоци да имаат неодреден број лица. Затоа, бара Списокот за теренска обработка веднаш да се тргне од веб страницата.

Дирекцијата реши и  да се забрани опцијата што ДИК им ја дозволи на граѓаните: да проверуваат гласачко право за други лица. Сега се забранува прикажување податоци за сите избирачи во една општина, како и за проверка според адреса или според име и презиме.

Според опозициската СДСМ, ваквиот став на Дирекцијата претставува кршење на Изборниот законик и на договорот од Пржино. Велат дека ова е обид да се прикрие криминалот со Избирачкиот список и бараат ДИК да се спротивстави.

„Горан Трајковски, по панична нарачка на бандата на Никола Груевски, Мијалков и Ставрески, се обидува да го сокрие криминалот со Избирачкиот список. Јавно ја повикуваме ДИК да не постапува по ова барање на криминалната банда. Јавно ја повикуваме ДИК да застане во одбрана на Изборниот законик и да работи согласно законите“, изјави Дамјан Манчевски од СДСМ.

„Само еден ден откако беше објавена фамозната листа на „фантомските гласачи“ и на најтврдокорните поддржувачи на СДСМ им стана јасно она што одамна го знаат и малите деца: нема фантомски гласачи и нема изговори за СДСМ ниту за досегашните порази на изборите, ниту за бегање од престојните избори, нивно одложување или непризнавање на резултатите. Граѓаните кои се предмет на теренска проверка, сите до еден се гневни на СДСМ. Сите до еден се гневни затоа што само поради СДСМ и нивното невидено однесување мора некому да се правдаат и објаснуваат дека не се фантоми, туку луѓе кои со децении живеат на истото место и го реализираат своето право на глас“, реагираат од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Членовите на ДИК имаат работен состанок, на кој одлучуваат како ќе постапат по решенијата и забраните изречени од Дирекцијата за заштита на личните податоци.

OhridNews
Извор: „Макфакс“