Државната изборна комисија најдоцна денеска треба да го заклучи Избирачкиот список за претседателските избори закажани за 13. Април откако во петокот ја заврши седницата на која ги разгледуваше, барањата и дописот од СДСМ за проверка на одредени податоци во Избирачкиот список и истите ги отфрли по гласањето на членовите на комисијата на кое „за“ гласаа двајца, тројца гласаа „против“ и еден член беше „воздржан“.
По ова ќе се знае колку граѓани ќе имаат право да го избираат новиот претседател на Република Македонија.
СДСМ во својот поднесок до ДИК бараше да се проверат податоците на 26.515 граѓани.
Потоа бројот беше намален на 14.492 лица, а најдолго се дебатираше за проверка на податоците за 1.045, лица за кои СДСМ смета дека се починати, а тие сè уште фигурираат во Избирачкиот список.
Посебен акцент на дебатата беше ставен на процедурата за дополнителна проверка на 202 лица во Избирачкиот список, односно дали и тие треба да бидат избришани од списокот.
Бедредин Ибраими предложи Управата за водење матични книги да направи проверка дали се тие навистина починати, па потоа ДИК да донесе одлука.
Тој констатираше дека методологијата за Избирачкиот список функционира, бидејќи се откриени само 202 сомневања за починати лица од над илјада.
ДИК по направената проверка утврди дека 843 лица се избришани од списокот, а спорни останаа 202 лица.
Кампањата за претседателските избори започнува во понеделник на 24 март.
OhridNews
извор:„Макфакс“