Домашни и странски информатичари од денеска ќе започнат со вкрстената проверка на податоци од МВР и уште десет други институции за да се добијат првични информации за состојбите со Избирачкиот список.

Треба да направи проценка на степенот за секој проблем, по што треба да следуваат теренски активности на ДИК, при што ќе се проверуваат сомнителните ситуации каде има многу станари на иста адреса или кога одредени избирачи се регистрирани на повеќе избирачки места.

Од ДИК сметаат дека има многу сомнежи оти починати лица се уште се на списокот и оти на одредени адреси има регистрирано повеќе гласачи отколку што може да има станари. Експертите што ги има ангажирано ДИК предвидуваат вкрстувањето на податоците да трае 10- тина дена, а потоа треба да следи теренската проверка.

Засега, тимот информатичари се соочиле со технички проблеми кои се однесуваат на несоодветниот формат во кој дел од институциите ги чуваат матичните броеви на граѓаните, но дека тој проблем ќе се реши.

По вкрстувањето на податоците од базите, ДИК потоа ќе спроведе теренски посети во куќи со повеќе од 20 гласачи, станови со повеќе од осум избирачи, гласачи со повеќе варијации на презимиња, а треба да се утврдат и македонските државјани кои се на привремена работа во странство и немаат живеалиште во Македонија.

Според новиот датум на изборите, 5-ти јуни, прочистувањето на Избирачкиот список треба да заврши на 17-ти април, а листата на гласачи да биде заклучена до 7-ми мај. Претходно, ДИК имаше проблем да почне си прочистувањето на списоокот затоа што државните институции не доставиле бази на податоци кои ќе бидат употребливи.

ДИК се формира со задоцнување, поради тешкотии во преговорите на работните групи за спроведување на договореното од Пржино, а по нејзиното формирање потребните средства, методологијата за работа и се што требаше да се стави на располагање на оваа институција беше со задоцнување од неколку недели.

OhridNews
Извор:„Макфакс“