„Младите од Европа со заедничка работа можат да ги надминат културните бариери и општествени разлики“ смета британскиот амбасадор Роберт Четерстон Диксон. Диксон денеска имаше обраќање пред  учесниците на  регионалната конференција “Млади спорт акција“, што во организација на Британскиот совет во Македонија се одржува во Охрид.

Одговарајќи на новинарско прашање кога младите од Македонија ќе можат слободно да патуваат кај своите врсници од европските земји, Диксон рече дека Европската комисија заедно со владата на Македонија работат стратешки и напорно на олеснување на визниот режим. Тој рече дека британската амбасада конкретно, се труди што е можно побрзо да ја заврши процедурата за издавање на виза, а мнозинството од апликантите, како што рече,  добиваат виза на самиот ден на поднесување на барањето за виза. Олеснуивањето на визниот режим секако најмногу зависи од реформите  во правниот систем и во МВР, рече британскиот амбасадор.

Запрашан дали е покрената некаква постапка во врска со запленетиот џип на англиската фудбалска ѕвезда Дејвид Бекам, амбасадорот Диксон рече дека тоа прашање е во надлежност на Министерството за внатрешни работи.

Инаку, на конференцијата на која учествува и македонскиот министер за образование Сулејман Рушити,  присуствуваат над 200 млади од Албанија, Азербејџан, БиХ, Бугарија, Велика Британија, Грција, Израел. Романија, Србија, Турција и Македонија. Тие во изминативе четири дена низ спортски натпревари и креативни работилници се дружеа меѓу себе, а дома, како што велат, заминуваат со силни впечатоци.


„Уживав во настанот, кој беше возбудлив и интересен. Навистина прекрасно. Запознав нови луѓе, нови јазизи, култури и пријатели од различни земји, прекрасно“ вели Абдул, од Велика Британија.

Алекс Ричард е од Болтон, Велика Британија вели дека е воодушевена од Охрид и дека повторно ќе дојде тука. Искуството беше прекрасно и ова е одличен начин на зближување на младите од различни земји, вели Алекс.

Конференцијата која завршува денеска заеднички ја организираат Велика Британија и десетина други земји, а целта е преку креативни работилници и дружење да се придонесе кон подобрување на односите на младите од различните земји.